![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/11/Sudski-sovet.png)
Судскиот совет денеска треба да формира комисија која ќе ги разгледа сите списи во врска со претходните судски случаи на обвинетиот за сообраќајката на „Партизанска“ Васил Јованов, каде животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, по што ќе излезе со став дали имало пропуст во претходните судски постапки на обвинетиот Јованов.
Ова го најави претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, а следи по изнесените забелешки во јавноста во врска со претходните судски случаи на обвинетиот Васил за сообраќајката на „Партизанска“. Тој вчера информира и дека комисија на Судскиот совет веќе ги разгледува списите и ќе постапи по сите забелешки на јавноста.
– Започнавме со разгледување на случаите, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став дали имало пропуст или немало. Ќе бидат разгледани сите забелешки кои што беа изнесени во јавноста и по сите нив ќе се постапува, рече вчера Камбовски.
Судиите и Подружницата на Здружение на судии на РСМ при Основен кривичен суд Скопје вчера во соопштение до медиумите изразувајќи длабоко жалење за загубениот млад живот на Фросина Кулакова во сообраќајната несреќа која ја потресе јавноста, воедно посочуваат дека поттикнати од бурните реакции во јавноста по повод донесената неправосилна пресуда за Васил за сосема друг случај, како судии ценат дека е потребно да се обратат до јавноста со цел заштита на угледот на судиската функција, но и демантирање на сите шпекулации и лажни вести.
-Најпрвин во однос на Кривичната пресуда за предметот К.бр. 1439/24 против В.Ј. , ја информираме јавноста дека истата се однесува на кривичното дело за наркотици и истата се уште не е правосилна односно е во фаза на одлучување во Апелациониот суд Скопје. Судијата Даниела Алексовска-Стојановска при одлучувањето за санкцијата се водела исклучиво согласно Законските одредби, слободното судиско убедување и воспоставената судска пракса, како и наводите на јавниот обвинител кој во Завршните зборови навел:….обвинетиот е многу млад и до сега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу заради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија, се наведува во соопштението
Воедно, се посочува и дека неточни се шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него, што е евидентно и од наводите на Јавниот обвинител и Казнената евиденција, а кои се, како што се посочува, тие фамозни 10 пријави по кои постапувал истиот судија за истиот обвинет се прашуваме и ние, зошто такви пријави не се процесуирани до судот.
Како судии, тие ги повикуваат надлежните судски институции да ги искористат механизмите за проверка на првостепната пресуда и да утврдат дали постојат евентуални пропусти во постапката и дали воопшто имало услови за изземање на судијата во контекст на сите шпекулации за нејзина поврзаност со семејството на обвинетиот. Ја повикуваат и јавноста, како што наведуваат, да не подлегнува на провокации, лажни вести и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија, заради постигнување на други цели.
-Се додека разумно не се согледаат причините за ваквите пропусти, можноста за нивно повторување се зголемува. Затоа во име, не само на последната жртва, туку во име на сите претходни жртви во сообраќајот, изразуваме сочувство и бараме со рационален и објективен пристап да се утврдат причините за овие немили настани со цел да изградиме побезбедно општество за граѓаните, во чие име ги носиме пресудите, се наведува во соопштението од судиите и Подружницата на здружение на судии на Основен кривичен суд Скопје.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, во гостување во дневникот на Сител, изрази благодарност за поддршката од јавноста и најави дека протестите ќе продолжат пред институциите и ќе стануваат се помасовни. Тој кажа дека ќе бараат максимална казна, казна доживотен затвор за виновникот за сообраќајката во која загина Фросина. Ќе бара експертиза и од Машинскиот факултет и од други независни тела. Според Кулаков, брзината со која возел Васил Јованов е над 160 или 180 километри на час.
-Кога ќе се земе кумулативно и преку 40 години казна следува. Немал право да го вози автомобилот без возачка дозвола, поминал на црвено, возел под дејство на алкохол, со трипати поголема брзина од дозволената. Ние ги живееме последиците од тоа. Ниту тој, ниту родителите немаат зрно каење, туку само гледаат како и овој пат да се заврши работата, рече меѓу другото Кулаков.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски информираше дека во случајот со прегазената Фросина Кулакова Обвинителството постапило по сите стандардни процедури и оти постапката е проширена и за родителите на обвинетиот Васил Јованов.
Во гостувањето пред два дена на Телевизија Телма, Бубевски изјави дека Обвинителството ги презело сите неопходни мерки за прибирање и анализа на доказниот материјал, вклучувајќи видео материјали и експертизи за брзината на движење на возилото. Утврдено е дека возачот поминал на црвено светло, што, како што рече, ја подигнува кривичната одговорност и покренува умислен аспект.
-Тука умислата се подразбира. Затоа што за да постои умисла, треба сторителот да е свесен за своите дејствија или за своите недејствија што бил должен да ги преземе, но се согласил со последицата. Тука многу лесно може да се заклучи дека возењето под дејство на алкохол, со брзина која што е поголема од дозволената, таа е предмет на вештачење, но и со другите факти, веќе умислата е дефинирана. Затоа што стигнуваш на пешачки премин, каде што е црвено и тука веќе се согласуваш со последицата која што може да настане. Тука веќе нема место за друга правна квалификација во однос на овој дел, рече тој.
Постапката што се води против обвинетиот за ова кривично дело е проширена, како што кажа Бубевски, за да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока во која што му е овозможено на тоа лице да има средство кое што предизвикува општа опасност.
Протестен марш, насловен „Стоп за сообраќајното насилство“, закажан е за во сабота во Неготино.
– Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што секојдневно се случуваат на нашите улици. Маршираме за да испратиме силна порака, доста е со жртви на улиците. Овој протест е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство и за сите чии животи се изгубени поради немарни возачи и неефикасни институции. Секој од нас е изложен на опасности во сообраќајот. Никој не е заштитен од трагедија. Не смееме да дозволиме оваа серија загуби да продолжи, пишува во повикот за учество во протестот објавен на фб .
Премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање поврзано со јавната расправа во законодавниот дом, која што беше иницирана од пратеничката група на владеачката коалиција по минатонеделната сообраќајка, завчера нагласи дека работите треба да се решаваат системски, а не ад хок како досега.
– Сето тоа кое што планираме ние како пратеничка група на Коалицијата да го предложиме, многу скоро ќе го предложиме. Она кое што јас можам да го кажам е дека работите треба системски да се решаваат, а не ад хок. Ова што се случи е резултат на ад хок решавање на работите во позитивна насока, но и негативна. Овој пример, за жал, каде што прерано згасна еден млад човечки живот треба сите нас да нѐ освести, а најмногу прстот на чело треба да си го стават сите оние кои што за да ја зајакнат својата политичка моќ интервенираа кадровски во рамки на обвинителството и судството. Тоа е нешто кое што треба да нѐ опоменува сега и генерациите што следат, бидејќи грешките понекогаш знаат да бидат фатални. Видовте како се случи еден дивљак којшто управуваше со моторно возило да одземе еден млад човечки живот, рече Мицкоски.
Во законодавниот дом утре ќе се одржи јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ во понеделниот до Собранието поднесоа барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Членовите на Комисијата со 11 гласа „за“ изгласаа одлука в петок да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“.
Иницијативата за јавна расправа следуваше по трагичната сообраќајна несреќа минатата недела во која животот го загуби 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова. Таа беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Настанот предизвика револт во јавноста, особено по сознанијата дека сторителот и претходно бил во судир со законот, а во моментот кога го сторил делото се уште бил на слобода. Тој ќе одговара за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла, на прес-конференција информираше државниот јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Согласно оваа квалификација на делото за кое се сомничи Јованов, кој во моментов отслужува 30-дневен притвор во КПУ Затвор „Скопје“, според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години.