Skip to main content
Македонија

„Струмичките врски“ на „Марковски компани“ водат до ВМРО-ДПМНЕ?

16/10/2025  10:05

Во македонската јавност силно одекна веста дека сопственикот на „Марковски компани“ Борче Марковски е осомничен во истрага за сомнителни јавни набавки за РЕК Битола.

Владејчаката ВМРО-ДПМНЕ на сите начини се обидува оваа компанија да ја поврзе со СДСМ и минатото раководство на РЕК Битола, но податоците сепак покажуваат нешто друго.

Порталот Рацин во својата анализа потсетува дека оваа компанија, активна од 2012 година, својот пробив кога има во годините на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а особено во годините кога генерален директор на ЕЛЕМ, сега ЕСМ е сегашниот премиер Христијан Мицкоски.

Она што е специфично за „Марковски Компани“ во овој период е дека речиси сите тендери ги добила од едно место, односно од АД ЕЛЕМ. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во периодот од 2012 година досега, компанијата, самостојно или како носител на група понудувачи, склучила четириесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 55 милиони евра.

Тоа нѐ носи до следниот факт што ВМРО-ДПМНЕ не го соопштува на своите прес конференции, а тоа се компаниите подизведувачи на „Марковски компани“, каде што заминувале дел од парите од тендерите на ЕЛЕМ (ЕСМ).

Трагата што ја оставаат подизведувачите на „Марковски“ не води до најновиот развој на мрежата што ја започнала оваа компанија. Во април оваа година, „Топлина“ од охридското село Подмоље го доби тендерот да копа јаглен и јаловина во рудникот Брод-Гнеотино за потребите на РЕК Битола. Договорот е вреден 24 милиони евра и важи за една година, но милионскиот колач „Топлина“ ќе го дели со партнери-подизведувачи.

„Топлина“ претходно беше подизведувач на „Марковски компани“, која по смената на власта беше исклучена од тендерите во рударско-енергетскиот комбинат.

Откако договорот со „Марковски компани“ беше раскинат лани во декември, „Топлина“ продолжи со работа како привремен оператор до април годинава кога го доби милионскиот тендер.

И од позиција на власт, како и своевремено од кога беше опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува „Марковски компани“ како фирма блиска на СДСМ, особено откако беше потпишан договорот од 46 милиони евра на почетокот на 2024 година. Зошто? Затоа што „Марковски“ имаше тројца подизведувачи од кои две фирми од Струмица. Тие две фирми, само заради тоа што се од Струмица, ВМРО-ДПМНЕ ги поврзува со опозицијата, без да наведат, како што пишавме претходно, било какви докази за да го потврдат тоа.

Од друга страна некои информации што се појавија во меѓувреме, говорат за нешто друго.

Фирмите „Јавор Транс“ и „Сим Инженеринг“, подизведувачите на „Марковски“, според податоците од КомпаниВол се во сопственост на Горан Крстев, бизнисмен од Струмица.

Неговото име, пак, се споменува во неодамна објавениот текст во бугарските медиуми кои повторно ја отворија темата наводното постоење на шема од повеќе компании, регистрирани во Бугарија со сопственици од Македонија, за кои тврди дека дел од својот профит го насочуваат за финансирање на македонската антибугарска партија ВМРО-ДПМНЕ, како што се вели во текстот.

Во текстот се наведува, како што се пишува, познатиот струмички бизнисмен Горан Крстев. Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, како што посочува бугарскиот медиум, имаат сериозни интереси во бизнисот со електрична енергија – Горан е еден од основачите на новата компанија за производство на електрична енергија „Солар ЦД“ во Царев Двор, општина Ресен, а Симеон е управител на „Енерџи Холдинг“. Овие компании на Крстеви се во бизнисот за производство на електрична енергија, што е дејноста со која, како приватен бизнис, се занимава и премиерот Христијан Мицкоски.

Врската меѓу Крстеви и Мицкоски е всушност Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на премиерот Мицкоски, односно сопруг на Стевица, сестрата на Роза, сопругата на Христијан Мицкоски.

Она што го пишуваат бугарските медиуми и што е на широко познато во јавноста во Струмица, е дека постои силна бизнис врска и меѓу Јорданчо Данев – Дано и Горан Крстев односно дека фирмите на едниот обезбедувале кредитно финансирање на фирмите на другиот.