Skip to main content
Скопје

Страв во Карпош: Пит Бул слободно се движи и агресивно искаса минувач

27/03/2026  16:30

Денеска околу 13 часот на булеварот „Илинденска“ во скопската населба Карпош, се случил сериозен инцидент откако агресивен пит бул нападнал повозрасен човек.

Според сведочења на читатели, кучето било без поводник и без соодветна ознака, а нападот бил изненаден и брутален. Повозрасниот човек бил соборен на земја, додека минувачите со крајни напори успеале да го оттурнат кучето и да спречат поголема трагедија.

Очевидци велат дека ситуацијата била крајно опасна и дека само брзата реакција на присутните спречила потешки последици. До редакцијата беа испратени и фотографии од настанот.

Дополнително, на социјалните мрежи се појавија предупредувања од граѓани кои тврдат дека најверојатно станува збор за истото куче. Во објавите се наведува: „Внимавајте, кај Систина. Агресивно е. Ако некој го забележи, веднаш да пријави во Лајка“.

Граѓаните апелираат до надлежните институции итно да реагираат, со цел да се спречат нови напади и да се обезбеди безбедноста на луѓето во овој дел од градот.