
Се санираат последиците од поплавите во Кичево по излевањето на Зајаска Река, предизвикано од обилните врнежи од дожд. Над 60 семејства по вторпат овој месец останаа без покрив над глава, откако нивните домови повторно беа зафатени од водата.
Околу 250 лица, односно 63 домаќинства, привремено се сместени во спортската сала во градот, откако вчерашното невреме предизвика сериозни штети. Сепак, условите таму се ограничени, а граѓаните во моментов немаат соодветни услови за одржување на лична хигиена и капење.
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, најави дека до крајот на денот ќе биде обезбедено решение за подобрување на хигиенските услови за сместените лица. Засега не е познато колку долго граѓаните ќе останат во спортската сала. При претходните поплави престојот траел околу една недела, но овојпат, поради поголемите штети, можно е да трае и до две недели.
Надлежните служби информираат дека на терен се работи со целокупната расположлива механизација. Најкритична е состојбата на улицата „Прилепска“, каде водата навлегла во повеќе домови, а трагите на ѕидовите достигнуваат височина и до два метра. Жителите и денеска самостојно ја испумпуваат водата од своите куќи.
Иако Зајаска Река се повлече во своето корито, водостојот и понатаму е зголемен, што создава страв кај жителите од ново излевање. Во меѓувреме, потребни се ќебиња, вода и храна за лицата сместени во спортската сала. Надлежните апелираат донациите да се доставуваат преку Црвениот крст, со цел нивна организирана и транспарентна распределба.
Штети од невремето се пријавени и во Гостивар, Тетово и скопско Сарај. Според најавите на метеоролозите, врнежите од дожд се очекува да продолжат и во текот на целата седмица, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.

