Skip to main content
Култура

Љутков: Спомен-домот на Разловечкото востание се подготвува за големиот јубилеј

30/03/2026  12:45

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во посета на Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар изврши увид во активностите за непосредна заштита на Спомен-домот на Разловечкото востание, еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода.

Во рамките на целосната обнова на Спомен-домот, кој со години беше оставен на забот на времето, се изврши ревидирање на постојниот Основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза. Паралелно се работи и на поставување нова музејска поставка која на автентичен и едукативен начин ќе ја раскаже приказната за востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 21 милион денари.

Изведувач на работите е „Изградба комерц”, а Министерството за култура и туризам внимателно го следи процесот со цел да се обезбеди квалитетна и навремена реализација.