
Штедењето на мерките за безбедност е најчестиот начин на кој дел од градежните компании се обидуваат да понудат најниска цена на пазарот, но цената на човечкиот живот не може да се пресмета. На ова предупреди Борче Стојчевски од здружението „Тутела“, во завршниот дел од гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Стојчевски повлече директна паралела меѓу рекордните цени на недвижностите и минималните вложувања кои се потребни за заштита на работниците на градилиштата.
Според него, една од најважните промени во новиот законски пристап е инвеститорот повеќе да не може да се дистанцира од одговорноста со изговор дека само ангажирал изведувач.
„Кога одговорноста ќе биде и кај инвеститорот, тој многу повнимателно ќе бира кого ангажира. Изборот на изведувачот е пресуден за тоа како ќе се одвива градбата – дали по европски стандарди или со импровизации“, истакна Стојчевски.
Тој објасни дека математиката на безбедноста е едноставна. Во услови кога цената на квадратен метар станбен простор во Скопје достигнува и до 2.500 евра, со вредноста на само еден продаден квадратен метар може да се обезбедат сериозни и квалитетни мерки за безбедност за целото градилиште.
Според него, ризикот од несреќа е многу поскап од превенцијата, бидејќи доколку се случи трагедија, последиците носат кривична одговорност, прекин на работите и огромни финансиски загуби.
Поради недоволниот број официјални инспектори, Стојчевски предложи и нов модел на граѓански надзор со помош на технологија.
Една од идеите е креирање софтверска апликација преку која граѓаните и стручните лица ќе можат веднаш да испратат фотографија од небезбедно градилиште директно до Државниот инспекторат за труд.
Со ваков систем, инспекторите би добивале точни и насочени информации каде треба итно да интервенираат, наместо да трошат време во обиколки на стотици градилишта.
Стојчевски заклучи дека во Македонија постојат компании кои работат по европски стандарди и ја чуваат безбедноста на работниците, но кај голем дел од секторот сè уште доминира желбата за брз профит преку кратење на основните заштитни механизми.

