Skip to main content
Македонија

Стоилковиќ во официјална посета на Србија

11/11/2025  09:12

Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ утре ќе престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030″, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Во своето обраќање на конференцијата министерот Стоилковиќ ќе истакне дека е чест и задоволство да се обрати на настан посветен на клучни теми кои ја отсликуваат реалноста и ја обликуваат иднината на регионот – регионалната интеграција, европската перспектива и економското поврзување.

Во рамки на престојот во Белград, потпретседателот и министер Стоилковиќ ќе оствари и работна средба со потпретседателката на Владата на Р Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ. На средбата ќе се разговара за потпишување на меморандум за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заедничките инвестициони проекти, како и заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Македонија на 2 и 3 декември.

Посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.