
Сто странски гости се потврдени на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, чие 16. издание ќе се одржи од 21 до 28 август. Во тој период, ќе може да се погледнат 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации, информираа на денешната прес-конференција во Скопје, извршниот директор на фестивалот – Дарко Набаков, програмскиот координатор – Петрула Вељановска и раководителот на индустри – програмата, Сара Ферро.
Набаков информираше дека мотото годинава е „Кому му е гајле за реалноста“.
– Во овие осум фестивалски денови ќе погледнеме 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации. „Куршумли ан“, Младински културен центар, Музеј на Македонија, „Сули ан“ и „Лабораториум“ во Скопје. Програмата е подредена во пет натпреварувачки категории. Овие филмови ќе се борат за стандардните пет награди. Наградата „Кромид“ за главната програма, наградата „Млад кромид“ за програмата на нови автори со прво и второ документарно остварување, „Сецкан кромид“ – наградата за кратки документарни филмови, „Кокарче“ – наградата за студентската програма и специјалната награда на „Македокс“ – наградата за етички идеи. Веќе се потврдени 100 странски гости, додаде Набаков.
Програмската координаторка Вељановска соопшти дека одлучиле фестивалот да го отвори филмот „Бардо“ на словачката режисерка Вјера Чаканјова.
-Ќе следува „Само на земјата“ на режисерот Робин Петре. Филмот не е случајно одбран за отворање на фестивалот, затоа што зборува за пожарите што се случуваат насекаде во светот – па и кај нас и како човекот, па и животните, се справуваат со нив. Затворањето на фестивалот е резервирано за хрватскиот филм „Фиуме или смрт“ на хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, појасни Вељановска.
Земја во фокус програмата оваа година е посветена на Австрија и традиционално ќе се отвори на вториот ден од Фестивалот со два австриски документаци од поновата австриска продукција.
Одговарајќи на новинарски прашања, Набаков изјави дека фестивалот оваа година има зголемена поддршка од педесет илјади денари од страна на Агенцијата за филм, но, вели, за жал, ја изгубил поддршката од страна на Министерството за култура, што минатата година изнесувала осумсто илјади денари.