
Британскиот премиер Кир Стармер објави дека Обединетото Кралство во текот на оваа година ќе распореди носечка ударна група воени бродови во Северниот Атлантик и Арктикот, пренесе Sky News.
Говорејќи на Минхенска безбедносна конференција, Стармер истакна дека станува збор за јасен сигнал за поддршката и солидарноста на Лондон со сојузниците.
– Можам да потврдам дека оваа година Обединетото Кралство ќе ја испрати нашата носечка ударна група во Северниот Атлантик и Арктикот, предводена од носачот на авиони ХМС „Принс оф Вејлс“, која ќе дејствува заедно со САД, Канада и другите сојузници од НАТО, како силна демонстрација на нашата посветеност на евро-атлантската безбедност – изјави британскиот премиер.
Најавата доаѓа по контроверзните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп од почетокот на годината, кога тој изрази намера САД да ја преземат контролата врз Гренланд. Трамп тогаш тврдеше дека Данска, под чиј суверенитет се наоѓа оваа автономна територија, не презема доволно мерки за нејзина заштита од потенцијални закани од Русија и Кина.
Иако подоцна Вашингтон се повлече од ваквата реторика, безбедносната состојба на глобално ниво и натаму се оценува како нестабилна. Во своето обраќање Стармер посебно ја потенцираше потребата од зајакнување на европската безбедност, нагласувајќи дека руската инвазија врз Украина претставува „огромна стратешка грешка“.


