Skip to main content
Магазин

Сталоне објави видео од теретана, луѓето не можат да поверуваат дека наскоро ќе наполни 80 години

19/01/2026  16:19

Силвестер Сталоне објави ретка фотографија од теретаната во својата луксузна вила во Палм Бич, вредна 35,3 милиони долари, на која ги покажува своите тетовирани бицепси и завидна физичка форма. Легендарниот актер, кој на 6 јули ќе наполни 80 години, искрено призна дека со возраста станува сè потешко да се одржува во форма.

„Секоја година е сè потешко и потешко, но затоа мора да се туркате сè посилно. Крв, пот и солзи“, напиша Сталоне во објавата на Инстаграм.

Својата домашна теретана ја нарече „светилиште“ или „црква“, место каде што работи на тоа да биде подобра верзија од себе. Во селфи-видео им порача на следбениците дека тренингот не носи само физичка сила, туку и самодоверба и ментална подготвеност за животните предизвици.

„Кога се чувствувате подобро физички, имате повеќе сила да ги постигнете целите и да се соочите со секој предизвик“, рече тој, завршувајќи ја пораката со препознатливиот дух: „Мора да продолжиме да удираме. Се гледаме наскоро“.

Обожавателите воодушевени
Објавата предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Фановите му порачаа дека изгледа неверојатно за своите години и дека е вистинска инспирација за сите кои мислат дека е предоцна за промени. Поддршка доби и од познати личности како Марио Лопез, Роберт Патрик, Ким Филдс и продуцентот Рандал Емет.

Активен и пред камерите
Сталоне неодамна се појави на доделувањето на наградите „Kennedy Center Honors“ во Вашингтон, каде што беше меѓу добитниците, иако се движеше со помош на бастун. Во меѓувреме, повторно внимание привлече и филмот „Grudge Match“ од 2013 година, во кој глуми со Роберт Де Ниро, а кој заврши меѓу најгледаните на Paramount+ во САД.

Покрај актерската кариера, Сталоне е активен и како продуцент. Работи на биографски филм за одликуваниот херој на NAVY SEAL, Мајк Торнтон, во кој главната улога треба да ја толкува Алан Ричсон, а снимањето е планирано во Австралија. Во подготовка е и филмот „Јас го играм Роки“, во режија на Питер Фарели, кој го следи создавањето на култниот „Роки“ од 1976 година. Сталоне неодамна истакна дека според него, „Роки“ не е спортски, туку пред сè љубовен филм, кој успева благодарение на емоциите, а не борбите.

Паралелно, тој работи и на четвртата сезона од серијата „Талса Кинг“, каде ја има главната улога, како и како извршен продуцент на ријалити-натпреварот „Екстракт“, чија премиера е најавена за 26 јануари на Фокс.

Приватен живот и порака
Говорејќи за тоа како би сакал да биде запаметен, Сталоне изјави дека сака да биде симбол дека „просечниот човек“ може да надмине огромни пречки. Во приватниот живот, тој е во брак со Џенифер Флавин веќе 28 години и има три ќерки – Софија, Систин и Скарлет. Од првиот брак го има синот Сергео, додека неговиот постар син Сејџ почина во 2012 година на 36-годишна возраст.