

Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари конструктивна средба со делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, составена од Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија, коизвестувачи и членови на Конгресот, како и Ивета Реинхолде, експерт за Европската повелба за локална самоуправа, и претставници на Секретаријатот на Конгресот.
На средбата се разговараше за напредокот на локалната самоуправа во Република Македонија, за јакнењето на општините и за заедничките чекори кон поквалитетни услуги за граѓаните.
– Ја истакнав значајната финансиска поддршка што општините ја добиваат од Владата за реализација на инфраструктурни проекти. Тоа е поддршка што се преточува во нови улици, подобра инфраструктура и решавање на потребите на граѓаните. Унапредената соработка со министерствата и новиот Меморандум меѓу Владата и ЗЕЛС се цврста основа за уште повеќе заеднички резултати. Ја нагласив и нашата посветеност на натамошна децентрализација, финансиски посилни општини и поефикасна локална администрација. Преку партнерски однос со Владата, продолжуваме да работиме на решенија што ќе им овозможат на општините побрзо и поуспешно да одговараат на секојдневните потреби на граѓаните. За мене, успехот на секоја соработка се мери со она што граѓаните го чувствуваат во својот живот – уредена општина, подобра услуга и општина што е достапна и подготвена да помогне – рече на средбата Ѓорѓиевски
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека делегацијата го препозна ЗЕЛС како силна и обединета организација, која успешно ги застапува интересите на локалните власти, што претставува признание за заедничката работа, но и поттик да се продолжи уште попосветено.


