Skip to main content
Економија

Средба Николоски – Азески, акцент ќе биде ставен на проблемот со новите протоколи на Европската Унија, EES и ETIAS

22/08/2025  10:00

Вицепремиерот Александар Николоски ќе оствари работна средба во Комората на покана на претседателот на СКСМ Бранко Азески. На средбата ќе се разговара за повеќе теми од интерес за бизнисот, а посебен акцент ќе биде ставен на проблемот со новите протоколи на Европската Унија, EES (систем за влез/излез) и ETIAS (европски систем за информации и авторизација за патување), како два одделни системи што постепено ги воведува ЕУ за управување и контрола на влезот во Шенген зоната, едниот од 2025-та а другиот од 2026 година, а кои за компаниите ќе преставуваат дополнително оптоварување.

Бизнисот укажува дека со ваквите протоколи, транспортните оператори се во неповолна положба во споредба со операторите од ЕУ во однос на утврдените ограничувањата, поради Шенгенските правила што го ограничуваат периодот на професионалниот возач кој може да извршува билатерални транспортни услуги (ограничување од 90 дена во текот на кои било 180 дена).

Според последните информации, системот за влез/излез (EES) ќе почне на 12 октомври 2025 година. Постепено, во период од 6 месеци ќе го имплементираат 29 европски земји (25-те членки на ЕУ дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), а со целосната имплементација да започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој. Во овој момент преку вториот систем, ETIAS, не е потребна никаква акција од страна на патниците, а Европската Унија ќе информира дополнително за конкретниот датум за почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото лансирање.

На работната средба ќе се разговара и за големата конференција за инфраструктура и градежништво, која Комората ќе ја организира кон средината на следниот месец.