Skip to main content
Економија

Средба на гувернерката со претседателката на АСО: Финансиската стабилност е заеднички приоритет

28/01/2025  13:29

Блиската соработка помеѓу финансиските регулатори игра значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност, особено земајќи ги предвид глобалните неизвесности и ризици. Со постојан координиран надзор и навремена размена на информации, регулаторите можат подобро да ги предвидат и да се справат со потенцијалните предизвици за финансискиот систем. Таквата соработка обезбедува ефективно спроведување на макропрудентните мерки, ја зајакнува отпорноста и придонесува за одржлив економски раст. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и новоназначената претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Ели Дракуловска, која воедно е и нов член на Комитетот за финансиска стабилност.

Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, пак, истакна дека соработката меѓу регулаторите во финансискиот сектор е особено важна за успешно и сеопфатно заедничко делување коешто е предуслов за остварување и задржување на финансиската стабилност. Притоа, АСО како регулатор на осигурителниот пазар во рамките на своите надлежности постојано и целосно е посветен на подобрување на амбиентот за работа и законските рамки заради внесување новини во осигурителната индустрија за зголемување на бруто полисираната премија и вложувањата во осигурителниот сектор.

Од 2020 година, преку потпишување на Меморандумот за соработка, беше формиран Комитетот за финансиска стабилност во кој учествуваа сите тела надлежни за супервизија и надзор на одделните сегменти од финансискиот систем (Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО)). Од 2022 година, со носењето на Законот за финансиска стабилност, Комитетот за финансиска стабилност правно се врамува, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем и на финансискиот систем во целина при преземањето макропрудентни мерки и подготовката и управувањето со финансиска криза.