Skip to main content
Македонија

Средба на делегација предводена од Љутков со еврокомесарот Микалеф

20/11/2025  18:08

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Брисел остварија работна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.

Главна тема на средбата беше проектот „Скопје – Европска престолнина на културата”, при што делегацијата го информираше еврокомесарот Микалеф за моменталната состојба, предизвиците и неопходните чекори за негово понатамошно унапредување. Министрите Љутков и Муцунски, заедно со градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентираа позициите на Владата и на Градот, за што добија јасна поддршка и разбирање од претставниците на Европската Унија.

„Сакаме да ја информираме македонската јавност дека проектот, за жал, досега беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, особено во делот на програмата содржана во апликациската книга – т.н. ‘Bid Book’. Наместо да се следат транспарентни и инклузивни процедури, проектот беше воден без консултации со релевантните институции, без усогласување со националните културни политики и без суштинско вклучување на културниот сектор. Ова сериозно го наруши кредибилитетот на апликацијата и ја загрози можноста Скопје да се позиционира како вистински европски културен центар”, истакна министерот Љутков.

По денешната средба и воспоставената институционална координација, процесите поврзани со проектот се целосно одблокирани и вратени во законски и професионални рамки. Владата и Град Скопје остануваат цврсто посветени на неговата реализација и ќе ги обезбедат предвидените средства од 40 милиони евра во период од четири години.

Проектот претставува можност за темелна трансформација на Скопје – преку развој на културната инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновации и промовирање европски вредности. Реализацијата ќе се спроведува со целосна транспарентност, отчетност и активно учество на сите релевантни чинители на национално и на меѓународно ниво.

„Скопје – Европска престолнина на културата” е визија за отворен, модерен и динамичен град кој ја вклучува заедницата, ги охрабрува младите, ги поддржува уметниците и создава простор за силна културна размена и соработка. Нашата престолнина ќе биде достоен претставник на Македонија на европската културна сцена.