
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Даблин оствари средба со министерката за надворешни работи, трговија и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи и заедничката заложба за натамошно унапредување на политичката, економската и трговската соработка меѓу двете земји.
Посебен акцент во разговорите беше ставен на европската интеграција, во пресрет на претстојното ирско претседавање со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули. Министерот Муцунски изрази благодарност за принципиелната и континуирана ирска поддршка на политиката на проширување и на европските аспирации на државата.
Притоа, ја нагласи цврстата определба на Владата за продолжување на реформскиот процес и напредокот на европскиот пат, истакнувајќи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел и најсилен двигател на демократскиот, економскиот и општествениот развој.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и глобални прашања, при што се согласија дека во услови на зголемени геополитички и безбедносни предизвици, на Европа повеќе од кога било ѝ се потребни единство, солидарност и блиска соработка.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари средба и со претседавачот и членовите на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на ирскиот парламент.
Притоа, тој изрази благодарност за силната и принципиелна поддршка што Ирска ја дава на политиката на проширување на Европската Унија и на европскиот пат на државата.
На средбата беше разговарано за актуелната состојба во процесот на евроинтеграција, при што министерот Муцунски ја истакна посветеноста на Владата на спроведувањето на реформите, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.
Тој потенцираше дека кредибилен процес на проширување, заснован на заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми, е од суштинско значење за зачувување на довербата во Европската Унија и нејзината трансформативна моќ во регионот.


