Skip to main content
Хроника

Спречен обид за шверц на 27.5 килограми тутун за наргиле на скопскиот аеродром (ФОТО)

16/09/2025  11:16

Мобилен царински тим на граничен премин Меѓународен Аеродром Скопје, на влез во државата, спречи обид за шверц на дури 27,5 килограми ароматизиран тутун за наргиле, што требало да заврши на македонскиот пазар, информираат денеска од Царинската управа.

Од таму посочија дека со оваа акција е спречен обид за нелегална трговија со тутун, како и обид за избегнување плаќање давачки за акцизна стока во висина од 138.435 денари.

Во случајот, против едно лице, државјанин на Турција се води соодветна постапка, а тутунот е запленет, се вели во објавата на Царинската управа.

Инаку, како што велат, случајот е откриен, кога поради сомневање мобилен тим, заедно со царинските службеници, го селектирале и извршиле контрола на патникот, при што во куферот и личната торба во негова сопственост, пронашле ароматизиран тутун за наргиле со вкупна тежина од 27,5 килограми.

„Нелегалниот тутун го загрозува здравјето на граѓаните и ја поткопува легалната трговија и оттука Царинската управа во континуитет спроведува акции сè со цел спречување на обиди за криумчарење тутун и тутунски производи“, велат од Царинската управа.