
Маж, кој осум часа беше затрупан во канал во близина на Лазаревац, Србија, е успешно извлечен жив, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, на социјалните мрежи објави снимка од спасувањето и им се заблагодари на пожарникарите.
„Спасен е Милан Рајковиќ по осум часа. Бескрајна благодарност до пожарникарите-спасители“, напиша Дачиќ.
Инцидентот се случил вчера околу 15 часот, кога при копање на канал за топловод дошло до уривање на земјата. Првично, спасени се три лица, меѓу кои и еден пожарникар.
Во спасувачката операција учествувале 20 пожарникари од единиците во Лазаревац, Кошутњак, Обреновац, Железник и Барајево со шест возила, како и двајца членови на Специјалистичкиот тим за спасување од урнатини.