Skip to main content
Балкан

Спајиќ: Блиску сме до решение за воведување седумчасовен работен ден во Црна Гора

23/05/2025  11:28

Претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ, информираше дека после темелни истражувања за пронаоѓање начин кој ќе ги задоволи и синдикатите и работодавачите, одлуката во врска со воведувањето на седумчасовно работно време е скоро донесена, пренесе денеска „Вијести“.

Спајиќ најави дека во почетокот на идната седмица, министерката за труд и социјална заштита, Наида Нишиќ, ќе преговара во рамки на социјалниот дијалог со претставници на синдикатите и работодавачите, каде, како што рече, ќе се прецизира финалната варијанта на реформата.

“Намерата е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на нашите граѓани и повеќе време за семејствата, но и поефикасна и попродуктивна работа.”

Тој додаде: “Токму на начинот на кој беа имплементирани програмите „Европа сега 1“ и „Европа сега 2“ – со согласност и со работодавачите и со синдикатите – конкретни чекори, во случај на реформа на работното време од седум часа, ќе се преземат исклучиво со целосна поддршка од социјалните партнери”.

Спајиќ изрази верување дека министерката Нишиќ, во име на Владата, ќе направи сѐ за да се дојде до спогодба во најкраток временски период со цел да се исполнат надежите на граѓаните и да се унапреди положбата на сите вработени во Црна Гора, пишува МИА.