Skip to main content
Македонија

Сопственикот на кравите и неговите ќерки одат во осумдневен притвор?

04/12/2025  08:19

Сопственикот на над 500-тини крави и неговите ќерки ќе одат во осумдневен притвор дознава Телма.  Претходно обвинителството соопшти дека ОЈ Крива Паланка ќе поведе постапка против три лица за кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Осомничените, татко и двете негови ќерки, како соизвршители на 2 декември, со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток.

Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за сите осомничени.

Според обвинителството, од нивното однесување произлегува дека и покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените сепак подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега започнуваат дејствија на спречување и спрема вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници.