Skip to main content
Македонија

Собранието усвои повеќе закони по скратена постапка, поминаа и измените за органодарителството

29/06/2026  17:41

Собранието во попладневниот дел од денешната работа ги одржа продолженијата на 105., 106. и 108. седница, на кои пратениците изгласаа повеќе законски измени по скратена постапка, меѓу кои и измените на Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

На продолжението на 105. седница, без расправа и со 59 гласа „за“ беа донесени измените на Законот за Царинската тарифа и Законот за ревизија, а пратениците ги усвоија и финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година.

Во рамки на 106. седница, со 59 гласа „за“ беа изгласани измените на Законот за работно ангажирање на лица и Законот за финансиски лизинг, додека измените на Законот за Советот на јавните обвинители поминаа со 59 гласа „за“ и 18 „против“.

Најголемо внимание привлече 108. седница, на која со 58 гласа „за“ и шест „против“ беа усвоени измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека со новите законски решенија се проширува кругот на можни живи дарители на органи до четврто колено, но и се воведува јасна лична изјава на секој граѓанин за органодарителството.

„Измените не се само правни и административни, туку се порака дека нашиот здравствен систем се гради врз достоинството на човекот, солидарноста и почитувањето на личната волја. Истовремено ги зајакнуваме и заштитните механизми и секој случај ќе биде предмет на проценка од Етичката комисија, која ќе гарантира дека нема притисок, злоупотреба или трговија со органи“, изјави Алиу.

Тој нагласи дека со новите измени државата повеќе нема да претпоставува дали некој сака да биде органодарител, туку секој граѓанин сам ќе може да ја изрази својата волја.

„Граѓанинот сам ќе може да каже: да, сакам по мојата смрт да помогнам некој друг да живее или не, тоа не е мој избор. Тоа е највисокиот степен на почитување на човечкото достоинство и личната автономија“, порача министерот.

Пратеникот Илир Хасани од Демократска унија за интеграција изрази резерви во однос на безбедноста и тајноста на личните податоци на граѓаните кои ќе дадат согласност за дарување органи, поради што не го поддржа законот.

„Не се чувствувам сигурен моето име да се најде на некоја листа за можна трансплантација, бидејќи хипотетички би можел да бидам таргет на злоупотреби. Во оваа форма како што е напишан законот, нема да дадам поддршка“, изјави Хасани.

До крајот на овој блок седници, пратениците ги донесоа и измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со 57 гласа „за“ и Законот за заштита и спасување со 58 гласа „за“.

По завршувањето на овие седници, Собранието продолжи со работа по 110. седница, на чиј дневен ред се најдоа новите измени на Изборниот законик како дел од реформската агенда.