Skip to main content
Свет

Собјанин: Москва ноќеска беше нападната со повеќе од 390 дронови

28/07/2026  14:08

Градоначалникот на Москва објави дека руската престолнина била цел на напад од повеќе од 390 украински дронови, а гувернерот на регионот изјави дека во нападите биле оштетени и станбени згради. „Повеќе од 390 дронови се упатиле кон Московскиот регион“, но „повеќето од нив биле неутрализирани многу пред да стигнат до градот“, напиша Сергеј Собјанин на апликацијата Телеграм, прецизирајќи дека „81 непријателски дронови биле уништени на пристапот кон Москва“.

Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, напиша на истата апликација за штетата на една станбена зграда и неколку куќи, наведувајќи дека засега нема информации за жртви.

Руското Министерство за одбрана објави дека над петнаесет региони, вклучувајќи ја и Москва, 356 украински дронови биле неутрализирани во период од тринаесет часа, од понеделник навечер до вторникот наутро.

Разликата во бројот на дронови не е објаснета, пишува „Франс Прес“.

Украинските медиуми, повикувајќи се на воени блогери, пишуваат дека нападите наводно ја погодиле челичарницата „Хидросталконструкција“ во Чехов, Московска област. „Киев Индепендент“ пишува дека бил погоден и магацин во Коледино, град на 20 километри јужно од Москва, и дека порано во текот на ноќта била погодена трафостаница во Феодосија, мал град во окупираниот Крим.