Skip to main content
Македонија

Со свечен прием беше одбележан Денот на државноста на Србија

12/02/2025  17:43

Во присуство на повеќе од 350 гости, меѓу кои претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска Давкова, министри од Владата на Република Северна Македонија, гувернерот на Народната банка, пратеници во Собранието, високи црковни великодостојници, членови на дипломатскиот и воениот кор, градоначалници, претставници на бизнис-заедницата, медиуми, спортисти и претставници на српската заедница во земјата-домаќин, Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија организираше свечен прием по повод Денот на државноста на Србија и Денот на српската армија.

По свеченото интонирање на српската и македонската химна, во изведба на уметничкиот ансамбл на Министерството за одбрана „Станислав Бинички“, присутните имaа можност да проследат видео-обраќање од министерот за надворешни работи на Република Србија, г. Марко Ѓуриќ, кој го истакна значењето на 15 февруари – празникот Сретение, Денот на државноста на Србија, кој претставува еден од најзначајните датуми во историскиот, политичкиот, културниот и верскиот календар на земјата. Во таа насока, тој потсети на важноста на двата клучни настани што се случиле токму на Сретение – почетокот на Првото српско востание во 1804 година и донесувањето на првиот Устав на Кнежевството Србија (Сретенскиот устав) во 1835 година, кои поставиле темели за изградба на независна и модерна држава.

Присутните гости ги поздрави и амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Невена Јовановиќ, која, надоврзувајќи се на обраќањето на српскиот министер за надворешни работи, истакна дека Република Србија, тргнувајќи од вредностите и принципите на слободата и правдољубивоста, кои се наследство од татковците на модерната српска држава, денес цврсто ја гради својата иднина и бележи забрзан економски и технолошки развој. За тоа сведочи и фактот дека во изминатата година Србија беше втората најбрзо растечка економија во Европа. Во тој контекст, амбасадорката Јовановиќ изрази особено задоволство и гордост што Србија ќе биде домаќин на специјализираната светска изложба ЕКСПО 2027, при што ги покани присутните претставници на странските држави да учествуваат на овој престижен настан.

Понатаму, Н.Е. Невена Јовановиќ нагласи дека Република Србија, во време кога глобалниот мир и безбедност се повеќе сè загрозени, останува доследна на својата политика на воена неутралност, како и на борбата за зачувување на својот територијален интегритет и почитување на основните принципи на меѓународното право. Во таа насока, амбасадорката подвлече дека Србија, преку политиката што ја спроведува државното раководство предводено од претседателот Александар Вучиќ, останува јасно посветена на својот европски пат, со целосна аспирација кон членство во Европската унија како еден од своите главни стратешки приоритети, додека истовремено продолжува да ги негува односите со традиционално пријателските земји од сите делови на светот.

Н.Е. Невена Јовановиќ уште еднаш нагласи дека Република Србија придава големо значење на односите со Република Северна Македонија и дека Србија е подготвена заеднички да продолжи со продлабочувањето на билатералните врски и добрососедската соработка. Амбасадорката Јовановиќ искористи прилика да ѝ се заблагодари на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, за нејзиното присуство, кое, како што истакна, претставува уште една потврда за значењето и длабочината на соработката и пријателството меѓу двете земји, но и поттик за понатамошен развој на билатералните односи и изградба на подобро општество за граѓаните на двете држави.