
Четиринаесеттиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој денеска ќе се заокружи со потпишување на „Декларација Скопје“ која ќе ги обедини заложбите и заклучоците од тридневниот настан.
Декларацијата за која свои сугестии можеа да дадат сите учесници на Форумот, ја потенцира потребата од конкретна акција кон одржлива енергија што е дел и од овогодинешното мото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија.
На 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD), што се одржува од 28 октомври во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNECA, ESCAP, ECLAC и ESCWA), присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери – клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко.
Над 500 учесници од повеќе од 70 земји дискутираа за новите насоки на енергетската транзиција, иновациите и одржливите решенија што ќе ја дефинираат енергетската политика на иднината.

