Skip to main content
Култура

Со поддршка на Агенцијата за филм во моментов се снимаат три македонски долгометржани филмови

02/07/2025  22:23

Агенцијата за филм на Македонија информира дека во моментов со поддршка од државата, на различни локации се снимаат три македонски долгометражни филмови.

Во тек е снимањето на првиот долгометражен игран филм на Тамара Котевска,  насловен „Човек против јато“. Дејствието и снимањето се одвива во рурална Македонија, „каде изградбата на нов автопат го урива мирот на едно мало село и ја соочува традицијата со модернизацијата“. Агенцијата потсетува дека Котевска е режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди од фестивалот Санденс. 

-Филмот е во продукција на „Видео студио Петковски“, во соработка со партнери од Хрватска, Грција, Турција, Србија и Црна Гора, и е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ, Еуроимаж и филмските центри на соработничките земји, наведува Агенцијата за филм. 

Се снима и дебитантскиот долгометражен филм со работен наслов „Потстанар“, во режија на Марко Ѓоковиќ, во продукција на „Сектор филм“. Сценариото е на Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, а инспирација за филмот е драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ.

-Филмот ја истражува тенката линија меѓу личната слобода и манипулацијата, прикажувајќи ја интеракцијата меѓу тројца цимери и еден мистериозен новодојденец, чија вистинска природа полека се разоткрива, се посочува во соопштението.

Главните улоги ги играат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци и актерот од БиХ Албан Укај. Филмот се реализира во копродукциска соработка со партнери од Србија и Црна Гора, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и Црна Гора.

Исто така, почнато е снимањето и на долгометражниот игран филм „Договор“ во продукција на „Arnel Production“, во режија на Сенад Абдули. Фотографијата ја потпишува Филип Јорданов, а во главните улоги настапуваат Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи и Лек Фазлија.

-Овие три нови филмски проекти се потврда за постојаниот развој на македонската кинематографија, како и за разновидноста на креативниот пристап што се појавува на нашата филмска сцена. Агенцијата за филм останува посветена на поддршка на филмските автори и продуценти, преку унапредување на условите за креативна работа и соработка, како и преку промоција на македонскиот филм во меѓународен контекст, информира Агенција за филм.