Skip to main content
Македонија

Со буџет од 4,4 милијарди евра, Македонија влегува во најголемата здравствена програма на ЕУ

25/06/2026  16:27

Република Северна Македонија официјално стана дел од програмата EU4Health, најголемата здравствена програма на Европската Унија со буџет од 4,4 милијарди евра за периодот 2021-2027 година. Договорот денеска во Брисел го потпишаа министерот за здравство Азир Алиу и еврокомесарот за здравство Оливер Вархеј.

Со потпишувањето на договорот, земјата добива пристап до европски стандарди, знаење, партнерства и финансиски можности за унапредување на здравствениот систем. Од Министерството за здравство оценуваат дека ова претставува значаен чекор кон интеграцијата на македонското здравство во европскиот простор и отвора нови перспективи за пациентите и здравствените работници.

„Европската интеграција не се мери само со поглавја и документи, туку и со тоа дали граѓаните добиваат подобри услуги, посилни институции, помодерен систем и поголема сигурност кога им е најпотребна“, порача министерот Алиу.

Програмата EU4Health отвора можности за реализација на проекти во повеќе области, меѓу кои превенцијата, дигиталното здравство, управувањето со здравствени податоци, борбата против ракот и кардиоваскуларните заболувања, кризна подготвеност, лекови и медицински средства, како и зајакнување на човечките ресурси во здравството.

Од Министерството нагласуваат дека државата нема да биде пасивен учесник во програмата, туку ќе работи на создавање национален механизам за апсорпција на европските средства, поврзување на институциите и подготовка на квалитетни проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за пациентите и здравствените професионалци.

Потпишувањето на договорот се оценува како силен политички и институционален сигнал дека европските стандарди и практики ќе станат составен дел од македонскиот здравствен систем, со цел граѓаните да добијат поквалитетни и посовремени здравствени услуги.