Skip to main content
Хроника

Со „БМВ“ возел 204 км/ч во Гевгелија – Уапсен 29-годишен возач

30/07/2026  10:00

Полициски службеници лишиле од слобода 29-годишен гевгеличанец откако на автопатот А1 бил затекнат како управува автомобил со брзина од 204 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина е 120 километри на час.

Според информациите од полицијата, случајот бил регистриран на 29 јули 2026 година во 21:26 часот, во близина на клучката Смоквица, Гевгелиско.

При контрола на патниот сообраќај со радар, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија утврдиле дека Ж.Д. (29) од Гевгелија управувал патничко возило „БМВ“ со гевгелиски регистарски ознаки со брзина од дури 204 километри на час.

На оваа делница со сообраќаен знак брзината е ограничена на 120 километри на час, што значи дека возачот се движел 84 километри на час над дозволеното.

Гевгеличанецот бил исклучен од сообраќај и лишен од слобода, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.

Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик, за „безобѕирно управување со моторно возило“.