Skip to main content
Култура

Со „Аладин и волшебната ламба“ почнува второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади

03/06/2025  07:47

Од денеска до 5 јуни во организација на ЈУ. Детски културен центар – Карпош ќе се одржи второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади, на сцената во киното Фросина при МКЦ во Скопје.

Фестивалот денеска започнува со „Аладин и волшебната ламба“, изведен на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзуикли Бродвеј Јуниор од Скопје под раководство на Наташа Јанкова, која е прва во државата која го промовира мјузиклот како сплет од уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.

На 5 јуни најавена е спектакуларна  изведба на „Убавицата и ѕверот“ од талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.

– Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените дизниеви филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан, изјавила директорката на ДКЦ Карпош д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, се наведува во соопштението од Детскиот културен центар – Карпоши се додава дека Град Скопје го поддржа и оваа година фестивалот, истакнувајќи ја културната и едукативната вредност на музичкиот театар за младата публика.