
Разликите во цените низ Европа стануваат сè поизразени, а ист производ или услуга може да чини двојно повеќе или помалку во зависност од земјата во која се купува. Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат дека јазот меѓу најскапите и најевтините европски пазари останува значителен.
Според индексите на ценовните нивоа, кои ги споредуваат трошоците за потрошувачки производи и услуги со просекот на Европската Унија поставен на 100, Македонија се наоѓа на последното место во Европа според нивото на цени.
Податоците покажуваат дека потрошувачката кошничка која во Европската Унија чини 100 евра, во Македонија би чинела околу 49,7 евра, што ја прави земјата најевтина во Европа кога станува збор за цените на производите и услугите.
На спротивниот крај од листата се наоѓаат најскапите европски земји. Првото место го држи Исланд, а веднаш зад него се Швајцарија, Данска, Норвешка и Ирска, каде животните трошоци се значително над европскиот просек.
Повисоки цени се забележуваат и во Холандија, Австрија и Белгија. Меѓу најголемите економии во ЕУ, Германија е над европскиот просек, Франција е умерено поскапа, додека Италија е блиску до просекот, а Шпанија спаѓа меѓу поевтините западноевропски држави.
Покрај Македонија, меѓу земјите со најниски цени се и Турција, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Србија, Албанија и Полска.
Економистите, сепак, предупредуваат дека ниските цени не значат автоматски и повисок животен стандард. Во многу западноевропски држави производите и услугите се поскапи, но таму платите се значително повисоки, што ја намалува разликата во куповната моќ.
Според експертите, разликите во цените се резултат на повеќе фактори, меѓу кои висината на платите, продуктивноста, даночните политики, транспортните трошоци и регулативите на пазарите. Затоа, за реална проценка на животниот стандард не е доволно да се гледа само цената на производите, туку и колку од нив може да се купат со просечниот приход.


