
Ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“, фрлале камења по слоницата во скопската Зоолошка градина. Професорите пак пиеле кафе во кафетерија во градината и не реагирале.
Ова го објави зоонегувателот Виктор на „Фејсбук“.
– Група ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафулето. Не сакам да генерализирам – не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни, но вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, им нанесуваат стрес и штета на животните што се под наша грижа. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку овие суштества се чувствителни и интелигентни. За нив, ова не е игра – сподели тој.
Во објавата тој вели дека за инцидентот бил информиран и директорот на училиштето и дека тој „изреагирал“ и изразува надеж дека ќе има некакви реперкусии за ваквото однесување.
Упати апел до сите: „Научете ги децата дека животните не се цел за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит“.
