Skip to main content
Скопје

Скопје започнува со подготовките за „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“

29/12/2025  16:24

Град Скопје направи важен чекор во подготовката за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ со потпишување Меморандум за соработка со скопските општини. Со тоа се воспоставува јасна институционална рамка за координирана и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа, со цел успешна реализација на проектот.

„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа. Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека потпишувањето испраќа силна порака за единство и институционална зрелост, како и дека Скопје е подготвено да ја понесе оваа значајна европска улога.

„Овој ден е повод за гордост за сите нас – за градот, општините, културниот сектор и граѓаните. Доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар. Најдоброто допрва доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.