
По повеќе од три години Luhthansa ги прекинува директните летови помеѓу Скопје и Франкфурт.
Иако беше најавено дека рутата ќе биде паузирана од 1 јуни и повторно активна од 1 јули, германскиот авиопревозник сега ги отстранил летовите за остатокот од летната сезона, како и за претстојната зимска сезона што започнува на 25 октомври.
Според објавените информации, патниците што патуваат кон Скопје ќе добиваат алтернативни рути преку Виена, преку Austrian Airlines, која е дел од Lufthansa Group. На официјалната страница на Lufthansa Group за летниот распоред за 2026 година е наведено дека летовите од Франкфурт кон Скопје сега ќе се нудат преку Виена.
Линијата Франкфурт-Скопје беше воведена кон крајот на април 2023 година и се одржуваше десет пати неделно. Во текот на претходната зима, Lufthansa веќе направи значително кратење на операциите кон Скопје, намалувајќи ги фреквенциите од планирани десет на само три неделни летови во февруари и март.
Ова е важна промена за македонските патници, бидејќи Франкфурт е еден од најголемите европски авио-хабови и директната врска со Скопје овозможуваше полесни конекции кон голем број дестинации во Европа, Северна Америка и светот. Со укинувањето на директната линија, дел од патниците ќе мора да патуваат со преседнување, најчесто преку Виена.
Lufthansa беше единствен авиопревозник на директната линија Франкфурт-Скопје. Wizz Air и понатаму лета од Скопје кон Хан, аеродром што се наоѓа околу 125 километри од главниот аеродром во Франкфурт.
Прекинот доаѓа откако Lufthansa Group прави пошироки промени во европската мрежа. Компанијата веќе најави прилагодувања во летниот распоред за 2026 година, вклучувајќи прекини, пренасочувања и консолидација на дел од линиите преку своите главни хабови.


