Skip to main content
Скопје

„Скопје 2028“ ќе потроши 21 милион евра – парите ќе се трошат „во четири очи“, без јавни набавки

29/07/2026  09:51

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати повик до Собранието веднаш да го стопира донесувањето на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, предупредувајќи дека предложените решенија носат сериозни ризици за транспарентноста, отчетноста и заштитата од корупција.

Предлог-законот, поднесен од група пратеници по скратена постапка, предвидува Град Скопје да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“, која ќе биде задолжена за реализација на проектот. Спорно за Платформата е решението според кое за набавките на Фондацијата нема да се применува Законот за јавните набавки.

Од Платформата оценуваат дека Фондацијата, имајќи предвид дека ќе биде основана од Град Скопје и финансирана со буџетски средства, како и со пари од Европската Унија, треба да има статус на договорен орган и да ги почитува правилата предвидени со Законот за јавните набавки.

Според нив, изземањето на Фондацијата од обврската за примена на Законот за јавните набавки би создало нееднаквост на институциите пред законот.

Платформата нагласува дека го препознава исклучителното културно и општествено значење на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и потребата тој навремено и успешно да биде реализиран. Сепак, токму значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени, според организациите, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност и контрола.

Особено загрижувачко, според Платформата, е што предложениот закон не предвидува само ограничени исклучоци за специфични авторски или уметнички услуги, туку Фондацијата целосно се иззема од општиот систем за јавни набавки.

Тоа, како што предупредуваат, би се однесувало и на набавки на стандардни стоки, услуги и опрема, но и на инфраструктурни и градежни работи за кои постои пазарна конкуренција.

Платформата предупредува дека евентуалното усвојување на законот во ваква форма може да создаде опасен преседан.

„Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен“, посочуваат од Платформата.

Забелешки има и за начинот на кој е предвидено да се управува со Фондацијата. Иако Советот на Град Скопје ја основа Фондацијата како правно лице, според предложеното решение градоначалникот ќе ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор.

Платформата посочува дека, покрај широката дискреција што на овој начин му се дава на градоначалникот, не се предвидени минимални критериуми и стандарди што треба да ги исполнуваат кандидатите за овие функции, како и за позицијата директор. Не е утврдена ниту постапка според која би се спроведувал нивниот избор.

Според граѓанските организации, ваквото решение не обезбедува доволни гаранции дека Фондацијата ќе биде раководена од стручни и професионални кадри.

Дополнителна забелешка се однесува на овластувањата поврзани со набавките. Според Платформата, Одборот на Фондацијата треба да го усвојува планот за набавки, да ги формира комисиите, да одлучува за определени набавки и истовремено да одлучува по приговорите на учесниците во постапките.

Со тоа, оценуваат од Платформата, нормативните, управувачките и контролните овластувања се концентрираат во истата структура, без независна жалбена заштита и без гаранциите што ги обезбедува системот на јавни набавки.

Иако објавувањето на договорите и последователната ревизија се важни механизми, Платформата смета дека тие не можат да ја заменат јавната конкуренција, однапред утврдените законски постапки и независната правна заштита.

Дополнително, од Платформата посочуваат дека Предлог-законот е поднесен по скратена постапка, не бил објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а не била спроведена ниту антикорупциска проценка на регулативата.

Според нив, отсуството на јавна расправа претставува дополнителен ризик, особено бидејќи станува збор за законско решение кое предвидува изземање од постојните контролни механизми.

Поради тоа, Платформата бара Собранието веднаш да го стопира донесувањето на Предлог-законот и да го одбие неговото разгледување по скратена постапка.

Истовремено, предлагачите се повикуваат да го повлечат предлогот и да го достават на јавна консултација преку ЕНЕР, да се спроведе процена на влијанието на регулативата и од текстот да бидат отстранети одредбите со кои се отстапува од Законот за јавните набавки.

Платформата ја повикува и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа Предлог-законот од аспект на можните корупциски ризици и своето мислење да го достави до Собранието и до јавноста.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 21 милион евра. Од нив, 95 отсто доаѓаат од државниот буџет и од буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра се средства од европските фондови. Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата“ ја формираше Град Скопје на 28 јануари годинава.

За директор на Фондацијата, во јуни е назначен Марјан Цветковски, кој претходно 15 години раководеше со Македонската радио телевизија.