Skip to main content
Скопје

Скопјани повторно на протест – Не дишеме, умираме

14/09/2025  00:45

„Жителите на Аеродром и Ново Лисиче денеска повторно излегоа на протест против загадувањето кое секојдневно ја загрозува нивната здравствена состојба и квалитетот на живот. Протестот се одржа на раскрсницата кај паркот Авионче, со јасна порака до властите дека повеќе нема да молчат пред загадениот воздух кој доаѓа од дивата депонија Вардариште, но и од другите жаришта како Дрисла.

Овојпат, протестот беше проследен и со уште еден мрачен симболизам – во позадина се издигаше густ чад од пожарот во фабриката ‘Нула Отпад’ во Трубарево. Иронијата, како што рекоа дел од присутните, е тоа што токму фабрика со такво име предизвикува уште поголемо загадување.

Граѓаните во рацете држеа транспаренти со пораки: ‘Премиерот дише ист воздух или има друг?’, ‘Меѓу две депонии умира еден град’, ‘Загадувањето е само визуелно – умирањето е реалност’, ‘Не сакам да гледам што дишам’.

Со ова, тие уште еднаш потсетија дека нивниот револт не е моментален, туку борба за живот, и најавија дека протестите ќе продолжат додека не се преземат конкретни мерки.“