Skip to main content
Македонија

Скопјанец предизвика хаос на улиците го нападнал италијански возач и побегнал, ОЈО бара притвор

20/11/2025  20:32

Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против 30-годишен скопјанец за кривично дело – предизвикување општа опасност. Инцидентот се случил на 14 ноември на булеварот „Партизански одреди“ и околните улици.

Осомничениот со возило „Алфа Ромео 147“ претекнал и следел автомобил „Алфа Ромео Тонале“ со италијански регистарски ознаки, кој го управувал италијански државјанин заедно со својата девојка. Со нагли кочења, непредвидливи маневри и следење на другото возило, осомничениот предизвикал сообраќаен хаос и значителна опасност за животот и телото на оштетените.

На улицата „Народен фронт“, осомничениот со голема брзина удрил во предниот лев дел од автомобилот на италијанскиот државјанин. Кога оштетениот застанал за да повика полиција, осомничениот се приближил и фрлил тврд предмет кон нив, по што побегнал од местото на настанот.

Јавниот обвинител достави предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор, со цел обезбедување присуство на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, поради опасност од бегство или повторување на делото.