Skip to main content
Балкан

Скандал во Хрватска: Вицепремиерот Дабро снимен како пука со пиштол од автомобил

17/01/2025  23:39

Голем скандал ја потресе хрватската јавност откако „Јутарњи лист“ објави видео на кое се гледа како вицепремиерот и министер за земјоделство, Јосип Дабро, пука со пиштол додека се вози во автомобил во близина на населено место.

На видеото, Дабро, облечен во лежерна облека – шорцеви и маица, се гледа како од отворениот прозорец на автомобилот испукува девет истрели од пиштол ХС-2000. Во позадина се слуша народна музика, а снимката предизвика лавина од реакции.

Новинарите веднаш побараа објаснување од Дабро, кој за „Јутарњи лист“ ја потврди автентичноста на видеото. Тој тврди дека станува збор за маневарски куршуми од спортски пиштол за кој поседува соодветна дозвола.

„Видеото е од пред неколку години. Пукав со пиштол со ќорци на приватна прослава, можеби по повод раѓањето на синот на брат ми. Снимката беше испратена исклучиво на наш заеднички пријател, Марио Радиќ, кој беше со нас целата вечер. Се возевме во мојот приватен автомобил, надвор од населено место, и сè беше во рамки на дозволеното“, изјави Дабро.

Иако тврди дека инцидентот бил безопасен и дел од приватна прослава, видеото предизвика големо незадоволство во јавноста. Многумина го критикуваат однесувањето на високиот функционер, оценувајќи го како неодговорно и неприфатливо, особено затоа што се случува во близина на населено место.

Дополнителен сомнеж предизвикува фактот што видеото било испратено како приватна снимка, но сепак завршило во јавноста. Дабро засега не објасни како видеото стигнало до медиумите, но неговите постапки веќе ја нарушија неговата репутација.