Skip to main content
Економија

„Инженери на Македонија“ против задолжителни паметни броила: Трошокот ќе го платат граѓаните

04/10/2026  08:48

„Инженери на Македонија“ се спротивставија на идејата за задолжително масовно воведување паметни броила кај сите домаќинства. Во соопштението предупредија дека трошоците за набавка, инсталација, одржување и управување со системот на крајот ќе паднат на товар на граѓаните.

Според нив, без оглед на моделот на финансирање, домаќинствата ќе ја платат инвестицијата — преку сметките за електрична енергија, мрежарината или преку буџетски средства обезбедени од даноците.

„Не се согласуваме и сметаме дека е штетна за граѓаните идејата за задолжително масовно воведување на паметни броила кај сите домаќинства“, порачаа од „Инженери на Македонија“.

Во реакцијата се повикаа на член 185, став 2 од Законот за енергетика. Како што наведуваат, оваа одредба предвидува фактурирање врз основа на претпоставена потрошувачка кога не е извршено мерење, со задолжително усогласување со реалната потрошувачка преку коригирана фактура во тромесечје.

Оттаму сметаат дека за најголемиот дел од домаќинствата точни сметки можат да се обезбедат со редовно отчитување на потрошувачката и доследно почитување на законот, без задолжителна замена на постојните броила.

Според „Инженери на Македонија“, паметните броила имаат оправдана примена кај потрошувачите кои истовремено произведуваат електрична енергија, кај производителите, батериските системи и граѓанските енергетски заедници. Нивниот став е дека корисниците на кои им е потребна таква функционалност можат да ги инсталираат на сопствен трошок.

„Не постои оправдување целиот товар од една ваква инвестиција да се префрли врз сите домаќинства во државата“, наведуваат во соопштението.

Реакцијата ја завршија со порака: „Прво да се почитува законот. Потоа да се бараат нови трошоци од граѓаните“.