Skip to main content
Македонија

Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе, скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути

15/12/2025  21:20

Надежно бебе, кое имало шанса за живот, починало на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври годинава а смртта на семејството му била претставена како нешто што не можело да се спречи. Но, документите до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат дека внатре во болницата, самата началничка на одделот за интензивна нега д-р супспецијалист Елизабета Петковска ја пријавила педијатарката од одделот д-р Емилија Бадева дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“.

Директорката на болницата доктор Ирена Алексиовска Папестиев, откако ја добила оваа пријава ја отстранила педијатарката од дежурства на одделот за интензивна нега и ја преместила на оддел каде нема реинтубации (на барање на педијатарката). Но, 2 месеци директорката ги нема известено ниту Министерството за здравство, ниту Државниот здравствен и санитарен инспекторат ниту Јавното обвинителство за овој предмет во кој началничка на оддел за интензивна нега пријавува докторка од одделот за несоодветно лекување на бебе со смртни последици!

„Слободен печат“ пред да ја објави оваа сторија, ја имаше неверојатно непријатната улога, на семејството на починатото новороденче да му ги покаже интерните документи од Клиниката за гинекологија и акушерство кои добиле од свиркачи, а во кои се наведува сомнежот за негово несоодветно лекување и предизвикување компликации – нешто што на семејството воопшто не му било кажано при исписот на мајката од болница.

-По смртта на син ми, специјализантката ни рече да не го оставаме овој случај така, дека нешто на ГАК не било во ред со лекувањето, се присети таткото на бебето кога зборуваше со редакцијата на Слободен печат.

Етички, за нашата редакција беше неможно да работиме на објавувањето на оваа сторија знаејќи дека семејството не е запознаено со интерните преписки кои самите сведочат за сомнежи за пропусти во лекувањето кои довеле до смрт на бебето, но и сведочат дека Клиниката не била транспарентна кон семејството па дури и се обидела да го заташка случајот односно да го држи зад бројни затворени врати, велат од Слободен печат.

Иако некои светски протоколи налагаат предвреме родено бебе да се реинтубира во временски период од 30 секунди, конкретното новороденче кое живеело само 3 дена, според пријавата на началничката – било интубирано дури 20 минути а притоа му било распарчено грлото.

„По примопредавањето на првата смена на 1.10.2025 и преземањето на дежурството од страна на д-р Бадева околу 15 часот, истата донела одлука да го реинтубира новороденчето, постапка која што траела безуспешно со повеќекратни обиди за интубација дури 20 минути, при што е повреден ларингсот и предизвикан е супкутан енфизем во вратната регија и десностран масивен пнеумоторакс, што довело до дестабилизирање на новороденчето, кое и по поставувањето на торакалната дренажа од страна на дежурните детски хирурзи и дополнително ординираната медикаментозна терапија, завршило со егзитус леталис (смрт).

Во потврдата која што е издадена на родителите од починатото новороденче како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“, пишува во пријавата доставена до директорката на ГАК Папестиев, а упатена од примариус д-р супспецијалист Елизабета Петковска, началничка на одделот за интензивна нега.

Пријавата е датирана и архивирана во Клиниката за гинекологија на 13.10.2025 година. Две специјализантки, кои што биле присутни за време на ова неуспешно реинтубирање на бебето, дале свои изјави во болницата.

-Јас бев сведок на повеќекратни неуспешни обиди за реинтубација која траеше околу 20 минути, време за кое се јавија компликации и супкутан емфизем и масивен пнеумоторакс. По што бебето ѝ беше дадено на помладата колешка специјализант д-р Мевљане Ислами. За цело време сестрите и ние ѝ сугериравме на д-р Бадева да не го интубира детето, а потоа кога веќе правеше обиди за реинтубација а тоа траеше подолго од времето кео што е дозволено, бебето го препушти на д-р Мевљане, но таа не не послуша, напишала во изјава специјализантката д-р Кочова Деспина која била присутна.

Изјава до директорката напишала и другата специјализантка.

-Постапката за реинтубација траеше 20 минути пропратена со повеќекратни неуспешни обиди. Потоа докторката ми го препушти новороденото јас да го интубирам, но при процедурата забележав дека постои крварење на ларинксот а детето имаше розов поткожен емфизем и развиен масивен пнеумоторакс, напишала втората специјализантка д-р Мевљане Ислами Лимани.

Документацијата покажува дека се работи за бебе со солидна тежина – 2.630 грама родено во 36 гестациска недела со царски рез. Бебето било префрлено на интензивна нега зашто имало респираторен дистрес, но исклучени биле кардиопатија и патолошко нарушување на срцевиот ритам.

Клиниката за овој случај расправала на внатрешната Комисија за квалитет. Видно од двата записника со кои располагаме, се одржале 2 состаноци на оваа комисија поврзани меѓу другото и за овој случај.

Едниот од нив се случил на 28.10.2025 година. Комисијата за квалитет тогаш заклучила:

„По однос на пријавата на примариус д-р Елизабета Петковска за м-р Емилија Бадева а и фактот дека дел од вработените на одделот за неонатологија (доктори и сестри) имаат изјавено во неколку наврати дека д-р Бадева често мириса на алкохол, комисијата согласно препораките до директор од претходниот состанок препорачува дотичната педијатарка да се префрли на одделот за новородени и да дежура на опсервација. Комисијата ја советува управата да наложи на вработените да пријават состојба кога постои сомнение за алкохолизирана состојба на докторката и да се предупреди колешката дека во секој момент може да биде испитана лабораториски“.

Но, не постои ниеден закон што му овозможува на директор да тестира доктори за алкохол и други супстанци и затоа овие препораки на Комисијата за квалитет се само слово на хартија и про-форма разгледување на случајот без вистински да се испита што се случило.

Министерот за здравство Азир Алиу откако изби скандалот со доктор од Клиниката за неврологија (Игор Кузмановски) кој беше фатен како меша бела прашкаста материја на видео-материјал, декларативно изјави дека поддржува промена на законите за да може да се озакони тестирањето за супстанци во болниците, но иако прв човек во здравството не мрдна подалеку од пуста желба.

Комисијата за квалитет исто така на записник од 17.10.2025 година констатирала дека „во потврдата која што е издадена на родителите од починатото новороденче како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“.

Докторката Бадева тврди дека наводите за алкохол се чиста клевета, ги доживува како мобинг на работно место и вели дека не пие алкохол ни дома а уште помалку на работа. Според неа, бебето било во тешка состојба, таа во ниту еден момент не направила грешка во реанимацијата и спасувањето на новороденчето. Не се согласува ниту со времетраењето наведено во внатрешната пријава од нејзината раководителка поткрепена со изјавите на специјализантките – тврди дека самата реинтубација траела помалку од 20 минути и цело време била „на чекор да успее“.

„По примопредавањето на дежурството бидејќи новороденчето беше во тешка општа состојба со брадикардична срцева акција до 70 проценти, во минута, веднаш направив рентген на бели дробови каде се гледа респираторен дистрес синдром од 4-5 степен и решивме да му ординираме уште една доза „куросурф“. Претходно новороденчето има примено една доза „алвеофакт“. Затоа е пристапено кон реинтубирање и новороденчето во текот на реинтубирањето прави десностран масивен пнеумоторакс. Веднаш е повикан детски хирург професор Тодоровиќ и му постави дрен. Целата постапка траеше 30-тина минути од интубирањето до поставувањето на дренот. По поставувањето на дренот новороденчето останува во тешка состојба и вклучен е адреналин. Ова е повторено неколку пати, по што новороденчето се враќаше со срцева акција и добра сатурација“, напишала Бадева.

Таа додала дека наодот можело да оди во прилог на менингитис.

Обдукцискиот наод на новороденчето не е готов ни 2 месеци по неговата смрт. Ова е „нормална“ состојба и наодите за обдукција некогаш се чекаат половина година и повеќе поради малиот број патолози во Македонија.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство за „Слободен печат“ изјавија:

„Во врска со наводите изнесени во вашето обраќање од ГАК најостро ги демантираме изнесените дезинформации поврзани со однесувањето на персоналот. Во склоп на Клиниката работи Комисијата за унапредување на квалитетот која со сета своја стручност и авторитет го разгледа случајот во врска со новороденчето при што не се констатирани неправилности во третманот на истото. И оваа година на ГАК е забележан пад на смртноста на новороденчињата за што Клиниката презентира податоци во јавноста на годишно ниво, а сите официјални податоци на ниво на држава ги објавува Заводот за статистика. Замолуваме сите невистини кои го нарушуваат угледот и работата на персоналот и клиниката, шират страв и недоверба кај осигурениците да сопрат со цел и понатаму непречено професионално пружање на здравствени услуги“.

Превземено од Слободен печат