Skip to main content
Македонија

Сите пациенти на Токсикологија се стабилни – Имаат повреди од вдишување отровни гасови и чад

21/03/2025  12:46

Сите пациенти, кои се хоспитализирани на ЈЗУ Клиника за токсикологија по пожарот во дискотеката во Кочани, се клинички стабилни и без клинички манифестации, информираше директорот на клиниката, проф. д-р Андон Чибишев, на денешната прес-конференција.

Во моментов во оваа Клиника се лекуваат 7 пациенти кои инхалирале голема количина отровни гасови додека горел објектот. Пациентите немаат механички или термички повреди, туку главно инхалаторни повреди од чадот и од гасовите.

Д-р Чибишев посочи дека на почетокот во Клиниката за токсикологија биле примени вкупно 20 пациенти. Од нив, поради влошена состојба, 13 биле префрлени на други клиники, претежно на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), во која има машини за механичка вентилација.

Некои од пациентите, кои првично биле примени на Клиниката за токсикологија, биле префрлени и во медицински центри надвор од државата. Според информациите од д-р Чибишев, сите пациенти кои поминале низ Клиниката за токсикологија, вклучувајќи ги и оние на КАРИЛ и оние кои се лекуваат во странство, моментално се стабилни.