Skip to main content
Македонија

Синдикатот на контролорите остро до М-НАВ: Вашите изјави се лага и манипулација

24/10/2025  16:42

Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) остро реагира на тврдењата на М-НАВ АД Скопје дека претседателот на синдикатот, Александар Тасевски, признал оти најавениот штрајк е незаконит. Во дописот до медиумите, ССКЛ категорично ги демантира овие наводи, оценувајќи ги како „целосно невистинити“ и „обид за манипулација со јавноста“.

„Во ниту еден исказ, изјава или писмена форма, дадена од било кој член на ССКЛ, не е изнесено признание дека најавениот штрајк е незаконит или дека сме постапувале спротивно на закон“, стои во реакцијата.

Од синдикатот објаснуваат дека целта на ваквите изјави е да се дефокусира вниманието од вистинскиот проблем кој трае од 2023 година, а кој, како што велат, актуелниот менаџмент на М-НАВ нема ниту капацитет, ниту волја да го реши.

„Со овие дезинформации се нанесува штета на угледот на ССКЛ и неговото раководство, кое доследно се залага за професионалните и работничките права на контролорите на летање во државата“, додаваат од синдикатот.

ССКЛ посочува дека ја обжалил одлуката на Основниот граѓански суд Скопје за изрекување на привремена мерка за забрана на штрајкот, иако истата ја почитува. „Тоа не значи дека потврдуваме дека најавата за штрајк е противзаконита и нелегитимна“, потенцираат од синдикатот.

Во реакцијата се наведува дека постојат бројни писмени докази кои ја потврдуваат законитоста на најавениот штрајк и дека тие документи се веќе доставени до судот. „Да беше одржано рочиштето закажано за 17 октомври 2025 година, тие докази ќе беа јавно изложени, но судот донесе решение за времената мерка ден порано, без да ни даде можност да се произнесеме“, стои во соопштението.

ССКЛ оценува дека ваквото постапување го ограничило правото на одбрана, а јавноста била лишена од целосната слика за настаните. Тие апелираат до медиумите да не објавуваат искази вадени од контекст, без писмена поткрепа и без проверка на фактите.

„Располагаме со автентични документи кои ја потврдуваат вистината. Апелираме до сите медиуми и институции кои сакаат објективно да ја информираат јавноста — да ги побараат тие докази и да известуваат професионално“, се вели на крајот од соопштението потпишано од Синдикалниот одбор на ССКЛ.