Skip to main content
Хроника

Син со 30 убоди го уби својот татко – ОЈО бара притвор

14/07/2026  14:26

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 30-годишен скопјанец, кој е осомничен дека го убил својот татко по семејна расправија. Против него е донесена Наредба за спроведување истрага поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Убиство“ согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

Според информациите од Обвинителството, трагичниот настан се случил на 12 јули во семејниот дом, каде претходно избувнала расправија и физички конфликт меѓу таткото и мајката на осомничениот. Во обид да интервенира, синот зел нож и во дворот го нападнал својот татко, нанесувајќи му повеќе од 30 убодни рани во пределот на вратот и градниот кош.

Од здобиените повреди, жртвата починала на самото место.

Јавниот обвинител во рамки на истражната постапка ќе преземе повеќе доказни дејствија за целосно да се утврдат сите околности и мотивите што довеле до трагедијата. Воедно, наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот, со цел да се утврди неговата психичка состојба во моментот на извршување на делото.

Поради сериозноста на кривичното дело и опасноста од бегство или влијание врз постапката, Основното јавно обвинителство предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор, за што ќе одлучува надлежниот суд.