
Соопштение за јавност на СДСМ:
Советникот од СДСМ Горан Симоноски, на денешната седница на Град Скопје посветена на советнички прашања, нагласи дека градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски нема реализирано ниту едно од клучните ветувања во делот на капиталните инвестиции за општината Ѓорче Петров.
Симоноски посочи по осум месеци од мандатот на Ѓорѓиевски, кој самиот го најави како историски, со историска реализација на капитални инвестиции, резултатите на терен се поразителни.
„Поминаа скоро осум месеци од мандатот на градоначалникот Орце, мандат кој тој сам си го прогласи како историски, со историска реализација на капитални инвестиции, а во општината од каде што доаѓа тој, единствено што има реализирано е раскопан тротоар во должина од четири километри кој претставува безбедносна закана за жителите на општината”, рече Симоноски.
Во обраќањето Симоноски нагласи дека ниту едно од клучните ветувања дадени за Ѓорче Петров досега не се реализирани и побара одговор од градоначалникот за сработеното во изминатиот период.
„Ќе го прашам градоначалникот што има реализирано од неговите клучни ветувања за нашата општина? Еве ќе му помогнам, апсолутно ништо. Нема нов кружен тек улицата Ѓорче Петров со булеварот Македонска војска, кој што беше ветен. Нема реконструкција на Реонскиот парк кој што исто така беше беше ветен, нема продолжување на улиците Лука Геров и Шарпланинска, нема нов резервоар и пумпна станица на Оризарски Рид кој би го решил притисокот на водата во општината”, рече Симоноски.
Тој порача дека жителите на Ѓорче Петров заслужуваат одговори за неисполнетите ветувања и директно го праша градоначалникот дали чувствува одговорност пред граѓаните кои му ја дале својата доверба на локалните избори.
„Ве прашувам што имате реализирано во Општина Ѓорче Петров и дали не ви е срам да ги погледнете во очи жителите на мојата општина кои масовно ве поддржаа на локалните избори”, рече Симоноски.



