Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова за преименувањето улици во Тетово: Ќе се реши така како што треба – граѓански, инклузивно, со консензус

24/07/2025  22:01

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва се сретна со тетовскиот градоначалник Биљал Касами во Општина Тетово, а одговори и на прашањето на МИА за темата околу преименувањето на улиците во градот. Таа рече дека за темата околу именувањето улици добила писмо, но и дека ветила разговор и со градоначалникот.

– Сигурна сум дека штом ме покани мене на ваков настан дека има разбирање и за дилемите што мене ми ги предочуваат и мислам дека тоа ќе се реши така како што треба – граѓански, инклузивно, со консензус. Секогаш велиме дека тоа таканаречено двојно мнозинство и бадентерово мнозинство подеднакво важи и на централно и на локално ниво и дека никој не може да биде и не треба да биде исклучен кога се решава за прашање што директно го засегаат идентитетот, а со тоа и интегритетот на сите луѓе, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека една од причините што е во Тетово е да покаже дека е претседателка не само на граѓаните во Скопје, туку на сите граѓани, без оглед на припадноста.

– Исто така, да покажам и дека сум спремна да одам и таму каде што градоначалниците не се од македонска етничка припадност, бидејќи тоа е ирелевантно за граѓанското општество. Проблемите се исти секаде ги засегаат сите луѓе и така треба да се однесуваме ние, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами рече дека го има истиот став како претседателката.

– Се работи за именување улици, плоштади, мостови, што е инклузивен процес, но и транспарентен процес, а секој граѓанин на Тетово треба да биде дел од тој процес, што за нас е многу важно. Секој граѓанин на Тетово да има стан, да има куќа со број, со име на улица, да покажеме дека и Тетово е европски град каде граѓаните ќе живеат во модерни, во урбанизирани услови и секој ќе има адреса кај што може да го најдат институциите и пријателите, како што е во било кој европски град, истакна Касами.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со Касами потоа на плоштадот присуствуваа на македонската музичка вечер која е во рамки на манифестацијата Тетовско културно лето.