Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Шивачката работилница во Идризово е позитивен модел на ресоцијализација

18/12/2025  16:34

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница во рамки на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, каде оствари разговор со осуденичките вклучени во процесот на шиење и везење. Осуденичките ја запознаа претседателката со своите работни активности, мотивацијата и стекнатите вештини, презентирајќи ги и изработките торби, марами и несесери кои се продаваат надвор од затворот под логото „везење надеж зад решетки“.

Шивачката работилница, отворена на иницијатива на модната дизајнерка Ирина Тошева, која е и менторка на осуденичките, Сиљановска-Давкова ја оцени како позитивен, самоодржлив и профитабилен модел на ресоцијализација. Таа ја поздрави соработката на затворската управа со општествено одговорни компании и поединци и го охрабри проширувањето на ваквата практика и во други затворски одделенија.

Според неа, ресоцијализацијата е една од клучните цели на казнено-поправниот систем, при што казната не претставува само изолација, туку и подготовка за одговорно и активно вклучување во општеството. Претходно, претседателката оствари средба со директорот на установата Зоран Јовановски и директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, на која беше разговарано за условите во затворот, планираните структурни промени и за почитувањето на човековите права, здравствената заштита и сместувачките капацитети.

Беше поздравено и функционирањето на затворската судница, која овозможува побезбедни услови и пониски трошоци за судските постапки. Претседателката го реафирмираше ставот за потребата од нов Закон за помилување, потенцирајќи дека при помилувањето не се оценува делото, туку се евалуира ресоцијализацијата на осудените лица. За време на посетата, осуденичките ѝ подарија рачно изработена торба, а претседателката, во знак на поддршка, купи новогодишни подароци од нивните изработки.