Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Македонија треба да има една изборна единица

16/07/2026  23:07

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека воведувањето една изборна единица во Македонија е добро и праведно решение, бидејќи секој глас на граѓаните треба да има еднаква вредност, без оглед во кој дел од државата е даден.

Во интервју за телевизија „Канал 5“, таа посочи дека иако овој изборен модел е релативно редок во светската практика, сепак може успешно да се примени и во земјава.

„Иако е ретко решение и го има во мал број држави, добро е да го има кај нас затоа што во различни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина“, изјави Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за правото на глас на македонските државјани кои живеат во странство, претседателката оцени дека актуелните законски решенија создаваат нееднаквост. Според неа, избирачкото право произлегува од државјанството и не треба да биде ограничено поради местото на живеење.

Таа нагласи дека голем број земји им овозможуваат на своите иселеници да гласаат преку електронски системи или по пошта, оценувајќи дека ваквите модели би можеле да бидат решение и за Македонија, имајќи ги предвид ограничувањата за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва.

Во врска со забелешките дека електронското гласање може да биде предмет на злоупотреби, Сиљановска-Давкова потсети дека сличен пристап веќе бил применет при пописот на населението.

„Опозицијата овозможи регистрирање по електронски пат на попис, што беше непознат феномен“, истакна таа.

Претседателката смета дека сите измени во Изборниот законик треба да бидат резултат на широк политички и општествен консензус, особено кога станува збор за чувствителни прашања како платеното политичко рекламирање.

Осврнувајќи се и на техничката влада, Сиљановска-Давкова оцени дека досегашниот модел во Македонија не ја исполнил својата улога, бидејќи бил премногу партизиран.

Според неа, земјава треба да се угледа на европските практики и да воспостави модел на техничка влада кој ќе обезбеди фер, демократски и непристрасен изборен процес, по примерот на Бугарија, Грција и Италија.