Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Како врховна командантка на вооружените сили се гордеам со Армијата како наш важен актер во НАТО

28/03/2025  16:10

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на одбележувањето на 5-годишнината од пристапувањето во НАТО, што се одржа во касарната „Илинден” во Скопје.

Посочи дека петтата годишнина од членството во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата.

Успешната битка за животот на повредените од страшната трагедија, според претседателката, не беше можна без импресивната хуманост и солидарност на државите, народите и граѓаните од регионот, но и многу пошироко, како и од активираниот европски систем за цивилна заштита, но исто така и на НАТО, за што сме им бескрајно благодарни.

Таа потсети дека уште од првите години на нашата самостојност и независност, македонското членство во НАТО беше препознаено како врвна стратешка цел, заедно со членството во Европската Унија.

Според претседателката, факт е дека за остварување на оваа стратешка цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат.

Потенцираше дека најтешкиот дел од патот до НАТО беше изоден од воените и цивилни припадници на Армијата, коишто преку макотрпни реформи, континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема, заслужена почит од сојузниците.

Како врховна командантка на вооружените сили, се гордеам со нашата Армија, како важен и докажан актер во НАТО, рече претседателката.

Порача дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност и дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации.

Изрази уверување дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународните правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и посочи дека ние ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока.