Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната британска амбасадорка, Сивањанам

29/10/2026  16:44

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од Н.Е. г-а Маја Сивањанам, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Сиљановска-Давкова потсети дека македонско-британското пријателство има длабоки историски корени, посочувајќи на заложбите на истакнати британски политичари за слободата и за правата на македонскиот народ уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Според неа, денес, тоа е потврдено со стратешкото партнерство како амбициозна рамка што овозможува нови инвестиции во транспортот, енергетиката и здравството.

Осврнувајќи се на безбедноста, претседателката укажа дека како сојузници во НАТО, споделуваме заедничка одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Таа се заблагодари за долгогодишната британска помош во реформите на одбраната и военото образование, како особено важни во амбиент на растечки геополитички неизвесности.

Амбасадорката изрази подготвеност за продлабочување на соработката со македонските институции, нагласувајќи ја важноста на владеењето на правото и демократијата.

За неа, вложувањето во младите, нивното образование и создавањето можности за нивен развој, како и унапредувањето на еднаквоста, инклузијата и зајакнувањето на улогата на жените и девојките, се клучни за градење побезбедни, попросперитетни и поотпорни општества.

Обете препознаваат широк простор за соработка во областа на културата, науката и образованието, особено преку програмите на Британскиот совет и стипендиите „Чивнинг”.

Сиљановска-Давкова ѝ посака на амбасадорката добро здравје, среќа и успех во извршувањето на дипломатската функција.