
Американскиот претседател Доналд Трамп станува сѐ понетрпелив поради начинот на кој Иран ги води преговорите за прекин на конфликтот, а во Белата куќа повторно сериозно се разгледува можноста за враќање на големи воени операции, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на извори блиски до администрацијата.
Според телевизијата, Трамп е особено бесен што Ормускиот теснец и натаму останува затворен, додека во исто време смета дека поделбите во иранското раководство го блокираат секој можен напредок во разговорите за нуклеарната програма.
Последниот одговор што пристигнал од Техеран, Трамп јавно го оценил како „целосно неприфатлив“ и „глупав“, по што дел од американските функционери почнале да се сомневаат дали Иран воопшто сака сериозно да преговара.
Во самата американска администрација, според Си-ен-ен, се создале две спротивставени струи. Дел од функционерите, меѓу кои и луѓе од Пентагон, бараат поагресивен пристап и нови таргетирани воздушни удари со цел дополнително да се ослабне позицијата на Техеран и да се принуди Иран на отстапки.
Од друга страна, дел од советниците и понатаму инсистираат дипломатијата да добие уште една шанса пред евентуална нова воена ескалација.
Во извештајот се наведува и дека луѓе блиски до Трамп бараат Пакистан, кој посредува во комуникацијата меѓу Вашингтон и Техеран, да биде многу подиректен кон иранските власти. Во Белата куќа постои сомнеж дека пакистанските посредници испраќаат „ублажена“ верзија од пораките и незадоволството на Трамп.
Регионални извори за Си-ен-ен тврдат дека Иран бил предупреден дека ова можеби е последна можност за дипломатски договор, но дека Техеран не покажува знаци дека е подготвен да попушти.

Трамп вчера повторно се сретнал со тимот за национална безбедност во Белата куќа, каде се разгледувале сите можни сценарија. Според извори на телевизијата, конечна одлука за следните чекори се очекува наскоро, пред неговото патување во Кина.


