
По одлуката на судот да изрече условни казни за злоупотреба на службената должност поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, остро реагираа семејствата на жртвите. Јавноста беше потресена од емотивното обраќање на Александар Наунов од Кочани, кој директно го обвини правосудниот систем дека не испорачал правда, туку заштита за одговорните.
Во својата реакција, Наунов потенцира дека постои огромен јаз меѓу законските одредби и судската пракса. Иако за злоупотреба на службената должност се предвидени казни затвор до 10 години, пресудите, според него, ја сведуваат одговорноста на минимум.
„Законот вели затвор, судот вели може и без тоа“, наведува тој, оценувајќи ја пресудата како „техничко затворање на случајот“, без вистинско соочување со одговорноста.
Наунов оди чекор подалеку, посочувајќи дека станува збор за системски проблем, во кој институциите со години „не гледале и не слушале“, што, според него, довело до трагедијата што одзеде десетици животи и остави длабоки последици врз целата заедница.
Тој изразува и сериозни сомнежи за начинот на кој се водел процесот, обвинувајќи за можни маневри во правосудниот систем, меѓу кои и менување на обвинители во последен момент, прераспределба на предмети и молк од страна на надлежните институции. Според него, ваквите постапки дополнително ја уриваат довербата во судството, која и онака е на критично ниско ниво.
Најемотивниот дел од обраќањето е упатен директно до судијката која ја донела пресудата. Со силни и болни зборови, Наунов го поставува прашањето за моралната одговорност зад ваквите одлуки.
„Вашите деца се до вас. Нека се живи и здрави. А ние? Ние ги немаме нашите“, порачува тој, додавајќи дека ваквите пресуди не носат мир, туку дополнителна болка.
На крајот, Наунов најавува дека борбата на семејствата ќе продолжи, нагласувајќи дека тие нема да се повлечат сè додека не се утврди вистинска одговорност.
„Кога ќе изгубиш се – барем едно ти останува: да не молчиш. И нема да молчиме“, порачува тој, потенцирајќи дека секоја одлука носи одговорност и дека потписите на пресудите ќе останат запаметени.

