
Со исклучително остра реторика, адвокатот Петре Шилегов – бранител на обвинетиот Шовкет Хазари, поранешен Државен советник во Министерството за економија – денеска сериозно го оспори квалитетот на обвинителниот акт за трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“. „Ова не заслужува да се носи името ’обвинителен акт‘, туку за жал, морам да кажам, тоа е правно-аналфабетски памфлет,“ изјави Шилегов пред судот.
Иако посочи дека се соочуваат со „најтешкиот предмет во историјата на македонското правосудство“ и призна дека „не постои пресуда која може да ги врати жртвите“, Шилегов нагласи дека правдата не смее да биде изградена врз „правно невозможни конструкции“.
Централниот дел од неговата аргументација беше насочен кон тезата за „умисла“. „Обвинителството сака да убеди дека Шовкет Хазари во периодот од 2013 до 2019 година се согласил дека на 16.03.2025 ќе има пожар во ноќниот клуб. Не е возможно некој со проверка на документ пред 12 години да се согласи со пожар предизвикан од пиротехника денес,“ рече Шилегов, нагласувајќи дека временската дистанца ја прави тезата за умисла логички неодржлива.
Адвокатот направи и детална семантичка анализа на обвинението, посочувајќи дека во описот на кривичното дело од член 288 („Предизвикување општа опасност“) воопшто не постојат зборовите „проверена“ или „согласност“, иако токму врз нив е поставена обвинителната конструкција. „Таму пишува дека одговорен е оној што со пожар, експлозија или отров ќе предизвика опасност. Нејасно е како проверка на правен акт може да предизвика пожар,“ истакна тој.
Потоа упати најдиректна критика кон обвинителството: „Обвинителе, ако тврдите дека постоел јавашлук, што правевте вие тринаесет години? Ако ја прифатиме вашата теорија, тогаш обвинителот требало да слуша, а не да го чита обвинителниот акт.“
Шовкет Хазари (67), сега пензионер, а поранешен Државен советник за туризам и угостителство, се товари за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“. Според обвинителството, како високо позициониран службеник вршел проверка и давал согласност за издавање на лиценците за работата на „Пулс“ во повеќе наврати (2013–2018), знаел или требало да знае дека документацијата е нецелосна – со недовршени делови за хигиена, излези и несоодветно прикажана локација – но и покрај тоа ги одобрувал лиценците со кои објектот работел легално и, според обвинението, бил небезбеден за посетителите.
Судењето продолжува.
