Skip to main content
Македонија

Шасивари: Посилно партнерство со Австрија за модерно и ефикасно правосудство

21/08/2026  12:44

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари средба со амбасадорот на Република Австрија, Н. Е. Мартин Памер, на која беа разгледани можностите за натамошно унапредување на односите и партнерството меѓу двете земји во областа на правосудството.

Соработката со Австрија не треба да се гледа само како билатерална правна помош, туку како партнерство за модернизација на правосудниот систем, јакнење на институциите и забрзување на нашата европска интеграција.

Во наредниот период се очекува започнување конкретни активности во повеќе договорени области од заеднички интерес, согласно Меморандумот за соработка што пред три години го потпишаа министерствата за правда на Република Северна Македонија и Република Австрија. Активностите ќе опфатат зајакнување на владеењето на правото, реформи во граѓанското и кривичното право, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и дигитализација на правосудството.

Министерот Шасивари истакна дека австриското искуство и експертиза можат да бидат особено корисни во реформата на судството, унапредувањето на ефикасноста на правдата и меѓународната правна помош, придонесувајќи кон создавање поефикасен, транспарентен и современ правосуден систем.